Претседателот Иванов за британски „Телеграф“: Неуспехот на ЕУ на Балканот е повик за Кина и Русија

Европската Унија ја остава вратата отворена за кинеското и руското стратешко загрозување на Балканот поради нејзиниот апсолутен неуспех да се ангажира и да инвестира во регионот, изјави претседателот на Македонија Ѓорге Иванов за британски „Телеграф“.

Според Иванов ЕУ е заглавена во начинот на размислување од 20-тиот век, а ситните внатрешни расправии ја оставија неспособна да се соочи со предизвиците на тековниот век, од масовната миграција преку шефовите на дигиталниот криминал и реваншистичка Русија.

– До неодамна, немаше руски инвестиции во Македонија. Но, како што Европа се повлекува, или подобро кажано, не ги одржува своите ветувања за примање на Балканот како дел од Европската Унија, тоа е како повик од ЕУ да дојде и да го пополни тој простор – изјави Иванов во интервјуто за „Телеграф“.

Иванов: Денешниот празник е симбол на долговековниот непокор и борба на македонскиот народ

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври – Денот на Mакедонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

-Одбележувањето на празникот на македонската револуционерна борба е симбол на долговековниот непокор и борба на македонскиот народ за слобода, државност и независност. Корените на македонската револуционерна борба започнуваат со формирањето на Македонската револуционерна организација, на 23 Октомври 1893 година, кога шестемина македонски дејци ги обедини една визија за исполнување на вековниот сон – слободна Македонија. Патот до слободата беше исполнет со предизвици, но нивната сплотеност и решителност за остварување на своите идеали им даде сила да истраат пред тешкотиите. Пламенот што го разгореа револуционерите го презедоа илинденците, борците во Народноослободителната и антифашистичка борба и АСНОМ-ците кои го остварија стремежот за слободна македонска држава. Без 23 октомври 1893-та не ќе беа можни ниту трите светли Илиндени од 1903-та, 1944-та и 1991-та. Наша должност е да им оддадеме почит на нашите борци за слобода и независност, следејќи го нивниот пат. Како следбеници на нашите предци, почитувајќи ја историската реалност, треба да создадеме иднина за нашите потомци. Почитувани сограѓани, нека ни е честит празникот! Да живее Република Македонија, порача претседателот Иванов.

Иванов: Чувањето на независноста е наша обврска!

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на церемонијата на свечено менување на државното знаме на Република Македонија.

На церемонијата што се одржа на платото во Кабинетот на Претседателот присуствуваа ученици од ООУ “Тихомир Милошевски“ од Ново Село, Скопје, од ООУ “Александар Здравковски“ од Јегуновце и од ООУ “Ѓорѓија Пулевски“ од општина Аеродром.

Во пресрет на 8 септември – Денот на независноста на Република Македонија, претседателот Иванов им се обрати на присутните и им го честиташе утрешниот празник.

– Пред 26 години, на 8 септември го остваривме нашиот вековeн стремеж за слободна и независна македонска држава. 26 години вложуваме во нашата татковина, во безбедноста и сигурноста на нашите граѓани. Ја негуваме традицијата на соживот и на почитување на различностите. Чувањето на независноста е наша обврска, без оглед што носи времето. Успеавме да поминеме многу предизвици, и ќе има многу предизвици. Но и нив само сплотени ќе ги надминеме, порача претседателот Иванов.

За иднината на нашите поколенија, додаде македонскиот претседател, мора да ја направиме Македонија економски силна, напредна и успешна држава.

– Македонија членка на ЕУ и НАТО. Држава во која младите ќе можат да ги реализираат своите стремежи и да ги остварат своите соништа. Држава во која младите ќе можат да добијат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства и да имаат потомство, рече претседателот Иванов.

– Заедно да носиме нови знаења, нови технологии и нови инвестиции во Македонија, да отвораме нови пазари за македонските производи,за повеќе работни места и поквалитетен живот во Македонија, истакна претседателот Иванов и порача дека тоа може да го оствариме само со единство и одговорен пристап од сите, на кое најгласно не потсетува утрешниот голем ден.

Промената на државното знаме на Република Македонија пред Кабинетот на Претседателот на традиционален начин го изврши гардиската единица на Армијата на Република Македонија.

Манифестацијата на промена на државното знаме е со цел подигнување на чувството и почитта кон знамето на Република Македонија како репрезент и симбол на државноста на нашата земја.

Иванов: Изјавата на Живаљевиќ е спротивна на фактите, македонските служби не побарале услуги од него

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов вечерва испрати реакција во врска со изјавата на Горан Живаљевиќ, дадена за српската новинска агенција Танјуг.

– Како што и претходно информиравме, посочениот советник на претседателот Иванов не е овластено лице за пријавување на движење и престој на странски преставници и во конкретниот случај постапил согласно безбедносните протоколи, за што изготвил и архивирал извештаи проследени до надлежните претпоставени. Согласно законите во Република Македонија, надлежен државен орган за комуникација со странски дипломатски преставници е Министерството за надворешни работи, додека посебна служба на Собранието на Република Македонија се грижи за редот во зградата, стои во реакцијата.

Кабинетот на Претседателот, како што наведува, не е надлежен, ниту овластен да дава дозвола за престој и одобрение за активности на странски преставници и дипломати во Собранието на Република Македонија.

– Изјавата на Живаљевиќ е спротивна на фактите. Македонските служби не побарале услуги од него. Тој по завршување на дејствијата и активностите во Собранието, испратил пораки до лица вработени во институциите, меѓу кои и посочениот советник, дека бил во Собранието со цел да обезбеди алиби и да ја намали одговорноста за своето постапување, пишува од Кабинетот на Иванов.

Фактите говорат, се додава во реакцијата, дека критичниот ден пред да влезе во Собранието на Република Македонија, амбасадорот на Република Србија, односно дипломатот не побарал писмена или усмена дозвола од овластено лице и надлежен државен орган, туку откако го завршил дејствието известил за своите активности, со што не може да ја намали одговорноста за неовластен престој во Собранието на Република Македонија.

– Во изминатиот период, Кабинетот на Претседателот реагираше на Амбасадорот на Република Србија да се прекине со злоупотреба на името на советникот, со цел да го користи како алиби и да одбегне одговорност за непрофесионалното однесување на дипломатот. Случајот со неовластениот престој на Живаљевиќ во Собранието на Република Македонија е затворен во постигнат договор меѓу службите, се посочува во реакција од Кабинетот на Иванов.

Иванов: Заедничката историја започнува на 15 јануари 1992 година, кога Бугарија ја призна независноста на Македонија

Договорот е резултат на компромиси кои не можат секого да задоволат. Вакви договори се израз на компромис што треба да се гледа од аспект на иднината, а не на минатото. Ги повикувам двете Влади да придонесат кон исполнувањето на целта на договорот, вклучително и преку мешовитата комисијата, која треба да работи на градење доверба и пријателство, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во обраќањето на одбележувањето на државниот празник Илинден.

– Од самиот почеток на процесот, инсистирав договорот да биде симетричен. Што значи тоа? Добрососедството е двонасочна улица. Овој договор подразбира дека истите правила важат и за левата и за десната страна на улицата. Она што важи за Македонија, важи и за Бугарија. Придржувајќи се до принципите на рамноправност и реципроцитет, затвораме едно отворено прашање што ги оптоваруваше нашите односи. И, истовремено, отвораме врата за градење меѓусебна доверба и соработка, рече претседателот Иванов.

Тој истакна дека од почетокот на првиот мандат се залага за унапредување на добрососедските односи со сите соседи, и тоа врз основа на принципите на заемно почитување, помош и поддршка. Затоа, рече Иванов, ја поддржал и иницијативата за преточување на Декларацијата за добрососедство од 1999 во Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија.

– Ако започнеме да ги отвораме старите рани, лесно ќе најдеме причини за кавги. Затоа, уште на почетокот јасно посочив дека со Бугарија треба да ги славиме само светлите датуми од заедничката историја на нашите две соседни, суверени и рамноправни држави, порача македонскиот претседател.

Признавањето на независноста на Република Македонија од страна на Република Бугарија и Денот на Европа – 9 мај, се настаните кои, како што посочи македонскиот претседател, тој предложил заеднички да бидат прославени.

– Таа заедничка историја започнува на 15 јануари 1992 година, кога Република Бугарија, под водство на Претседателот Жељу Желев, прва ја призна независноста на Република Македонија. Со тоа Желев го отвори патот за меѓународно признавање на Македонија и ги разби мрачните сценарија за нови поделби на Македонија. Затоа, предложив заеднички да го славиме 15 јануари – денот на признавањето на независноста. Бидејќи тоа е почетокот на нашата заедничка историја. Кога, пак, на 19 декември 2009 година стапи на сила визната либерализација за македонските граѓани, заедно со поранешниот бугарски претседател Прванов ги кренавме рампите на граничниот премин Деве Баир – Ѓуешево. Со тоа симболично го кренавме меѓникот што ја делеше Европа на два дела. Затоа, предложив заеднички да го славиме и 9 мај – Денот на Европа. Бидејќи, таму е насочена нашата заедничка иднина, рече претседателот Иванов.

– Но, има луѓе од цивилизациско значење кои треба заеднички да ги слават не само Македонија и Бугарија, туку и сите словенски земји, како светите браќа Кирил и Методиј, истакна во обраќањето претседателот Иванов.

Моја должност како Претседател, порача Иванов,  е да ги штитам придобивките за кои се бореле и избориле нашите предци. – А тие придобивки нужно ја вклучуваат и вистината за нашето минато, како основа за нашата сегашност и иднина, истакна македонскиот  претседател.

Иванов подвлече и дека е подготвен да кохабитира за сите закони кои ќе го градат европското лице на Македонија.

Кохабитацијата подразбира дека треба заедно да работиме на решенија за доброто на граѓаните кои не избрале. Решенија кои нема да бидат оспорени, и нема да предизвикаат штетни последици. Решенија не само до наредните избори, туку и за наредните генерации. Затоа, подготвен сум да кохабитирам за сите закони кои ќе го градат европското лице на Македонија, порача претседателот на Република Македонија.

Иванов истакна дека како досега така и во иднина учествувам во креирањето на надворешната политика во соработка со Владата и побара професионалност, стручност и искуство од македонските дипломати.

– Кај мене ќе поминат само оние предлози за амбасадори кои ќе ги исполнуваат критериумите за професионалност, стручност и искуство. Од сегашните и од идните амбасадори очекувам засилен ангажман во насока на реализација на поставените стратегиски цели на Република Македонија. А тоа се евроатлантските интеграции, добрососедските односи, регионалната соработка и отвореноста кон сите добронамерни партнери, истакна шефот на државата.

Иванов истакна дека очекува унапредување на координацијата меѓу надлежните институции задолжени за надворешни работи, со цел македонската дипломатија да зборува со единствен, јасен и добро аргументиран глас. – Мора да ги зајакнуваме постоечките и да создаваме нови пријателства и партнерства на билатерален и мултилатерален план, порача претседателот Иванов.

Системските реформи на системот за национална безбедност да бидат во согласност со уставните надлежности на Советот за безбедност, додаде Иванов.

Претставувањето, безбедноста и одбраната на државата не се луксуз, туку потреба. Буџетот за претставување на државата не е трошење туку инвестирање во нови пријателства и партнерства за Македонија. Буџетот за безбедноста и одбраната не е трошење туку инвестирање во услови за нормално функционирање на државата, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во своето Илинденско обраќање.

– Разузнавањето е првата линија на одбраната, а столбот на одбраната е Армијата на Република Македонија. Армијата не само што си ја исполнува уставната обврска да го штити територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, туку  честопати ги извршува и задачите на други институции. Оперативната средина се менува. Се почесто ќе се справуваме со непогоди и неконвенционални закани. Затоа Армијата треба да биде подготвена, а за тоа и е потребен зголемен буџет, истакна шефот на државата.

Претседателот изјави дека ги поддржува системските реформи на субјектите на системот за национална безбедност, и посочи тие да бидат во согласност со уставните надлежности на Советот за безбедност на Република Македонија.

Иванов порача дека врвен приоритет на секоја Влада треба да биде  успешна економска политика, со цел да придонесе кон економски просперитет за македонските граѓани.

АПЛАУЗИ ЗА ИВАНОВ: Македонскиот претседател во Москва пречекан со воодушевување (ВИДЕО)

Иванов беше пречекан во Москва со сите почести

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Москва беше пречекан со сите почести.Тој пред пристигнувањето на средбата со Владимир Путин доживеа аллаузи и воодушевување од граѓаните кои беа собрани.

По средбата со Путин на која беше истакнато дека Русија одблиску ја следи состојбата во Македонија, и дека единствено решение за кризата е почитувањето на Уставот, законите и деморкатските принципи.

Путин: Следиме сè што се случува во Македонија, политичката ситуација да се развива согласно Уставот

Рускиот претседател изрази задоволство дека македонско-руските односи се унапредуваат и, како што рече, има позитивно движење во економската размена.

Со особено внимание следиме сè што се случува во вашата земја. Посакуваме политичката ситуација во Македонија да се развива согласно Уставот и демократските принципи. Уверен сум дека вашето искуство, вашето влијание и авторитет ќе придонесе за тоа, истакна претседателот на Руската Федерација Владимир Путин на средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска во Москва.

Ivanov-Putin-1

Тој изрази задоволство дека македонско-руските односи се унапредуваат и, како што рече, има позитивно движење во економската размена.

На почетокот на средбата Путин му ја честита наградата на претседателот Иванов што вчера му ја врачи Патријархот на Руската православна црква Кирил.

Македонскиот претседател изрази особено задоволство што токму на овој ден, кога се одбележува празникот Свети Кирил и Методиј  има средба со него.

Иванов во Москва ја прими наградата „Алексеј Втори“ од рускиот патријарх Кирил

Утре претседателот Иванов ќе има средба со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин

Патријархот на Руската православна црква Кирил, на свечена церемонија што се одржа денеска во храмот „Христос Спасител” во Москва, на претседателот Ѓорге Иванов му ја врачи наградата „Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори” со која е одликуван за 2016 година.

Престижната меѓународна награда која му се доделува на претседателот Иванов претставува признание на неговите заложби во зајакнување на меѓу-православните односи, улогата на религијата во општеството и воспоставување, односно јакнење на принципите на верска толеранција.

Наградата ја доделува Меѓународната општествена Фондација за единство на православните народи, за извонредна дејност во зацврстување на единството на православните народи и за утврдување и промовирање на христијанските вредности во животот и општеството. Фондацијата е формирана во 1995 година со благослов на патријархот Московски и на цела Русија Алексеј Втори.

– Ова престижно признание го примам како Претседател на Република Македонија, но и како православен христијанин кој е роден и израснат во возобновената Светиклиментова црква – Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во таа жива Црква, која се возобнови пред 50 години, е граден и изграден и нашиот светоглед, истакна претседателот Ѓорге Иванов на церемонијата по повод доделувањето на признанието, на која присуствуваа голем број црковни великодостојници.

Се заблагодари на Меѓународниот фонд за единство на православните христијански нации за  признанието, притоа истакнувајќи дека му е особено значајно бидејќи се доделува за 2016 година, кога одбележавме 11 века од упокојувањето на големиот словенски просветител Св. Климент Охридски без кого, како што рече, денес ќе живеевме во поинаква, духовно, културно и цивилизациски посиромашна Европа.

– И денес има голема преселба на народите кои со себе ја носат сета своја етничка, јазична, религиска и културна различност. И денес се ограничува слободата на мисла, совест и вера. И денес на сцена се циниците, епикурејците и стоиците. Во ерата на постмодернизмот има сè повеќе практики и политики кои се косат со етичките начела на речиси сите светски религии. И денес, како и тогаш, поредокот се трансформира. Неподготвени да се соочат со новите сложени предизвици на 21 век, меѓународните институции како да останаа заглавени во 20 век. Глобализацијата економски успеа да го обедини светот, но политички го разедини и придонесе кон создавање конфликти и војни. Двојните стандарди станаа дел од проблемот. Прогонствата, преселбите и конфликтите станаа наше секојдневие, рече Иванов.

Имајќи ги предвид сите овие предизвици, посочи дека како Претседател на Република Македонија се води од три принципи. Првиот принцип, рече, е почитување наместо толерирање.

– Наспроти западниот концепт на толеранција на различноста, насекаде го промовирам македонскиот модел на почитување на различноста, бидејќи се толерира она што се мора, а се почитува она што се сака, истакна Иванов.

Вториот принцип според него е  градење единство, но не по цена на различноста. – Лекот против религиозното насилство не може да се бара во помалку религија, туку во повеќе меѓурелигиски дијалог. Но, тој дијалог меѓу религиите завршува онаму каде што започнуваат нивните суштински разлики. Неопходно е со почит да се прифаќаат разликите, за да не се доведеме во ситуација, бегајќи од радикалниот екстремизам, да се вплеткаме во мрежата на религискиот синкретизам што се обидува да ги поништи суштинските разлики меѓу религиите, истакна Иванов.

Третиот принцип, како што рече, е отворање, наместо затворање на просторот. – Денес, Балканот, Кафказот и Блискиот Исток се кошмар за секој политичар и аналитичар. Но, парадоксот е што токму во овие региони имало најдолги периоди на мир – тогаш кога биле дел од отворен простор. А таму каде што има отворен простор, има и луѓе со отворен ум кои комуницираат и се интегрираат, без притоа да се асимилираат, рече Иванов.

На крајот од обраќањето пред присутните тој изрази уверување дека овие три принципи – почитување, дијалогот и отвореноста можат да помогнат во градењето на новиот свет.

Носители на наградата за 2016 година, покрај претседателот Иванов, се и поглаварот на Коптската црква, pатријархот Тавардос Втори и градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, кои присуствуваа на свеченоста.

Во храмот на Христос Спасителот од македонска страна присуствуваа и епископот Климент Хераклејски од Преспанско-Пелагониската епархија и деканот на Православниот факултет Ѓоко Ѓоргевски.

Традиционалното доделување на наградите заврши со концерт на познати руски хорови и солисти кои изведоа песни на македонски јазик.

Настанот, на кој на видео бим беше презентирана и биографијата на претседателот Иванов, директно го пренесуваа повеќе руски телевизии.

Меѓу досегашните носители на наградата на Меѓународната општествена Фондација за единство на православните народи се шестиот Генерален секретар на Обединетите Нации, Бутрос Бутрос Гали, српскиот претседател Томислав Николиќ, црногорскиот претседател Филип Вујановиќ, бугарскиот патријарх Неофит, рускиот претседател Владимир Путин, палестинскиот претседател Махмуд Абас, рускиот премиер Дмитри Медведев, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, претседателот на руската Државна дума Сергеј Наришкин, бугарскиот претседател Георги Прванов, грчкиот претседател Константинос Стефанопулос, претседателите на Република Кипар, Спирос Киприану и Тасос Пападопулос, претседателот на Естонија, Арнолд Ријтел, претседателот на Молдавија, Владмир Воронин, претседателот на Ерменија, Роберт Кочарјан,  тенисерот Новак Ѓоковиќ, режисерот Емир Кустурица.

Иванов претходно оствари средби со патријархот на Руската православна црква, Кирил и со епископ Тихон, викар на патријархот московски и на цела Русија. Македонскиот претседател ќе присуствува и на Божествената литургија во храмот „Христос Спасител“ во Москва.

На средбата рускиот патријарх Кирил ги поздрави напорите на македонскиот народ за зачувување на православната вера посочувајќи дека претседателот Иванов е особено заслужен за тоа, притоа изразувајќи поддршка и солидарност. Патријархот Кирил истакна дека Македонија е мала земја, но се соочува со големи предизвици, меѓу кои и мигрантската криза која дополнително ја отежнува ситуацијата.

Руската православна црква, како што истакна патријархот Кирил, прави напори да започне дијалогот помеѓу МПЦ и СПЦ. На средбата беше поздравена и соработката на богословските факултети во Скопје и Санкт Петерсбург.

Утре претседателот Иванов ќе има средба со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.

Иванов: Ако може да се амнестираат воени злосторници, зошто не и луѓе кои ги завела толпата?

Ако новите пратеници во новиот состав на Собранието имаат доблест, ако сакаат да делуваат на смирување на општеството, да покажат акт на добра волја и помирување, нека го направат тоа што беше направено после конфликтот во 2001. година. Тогаш знаеме дека Собранието амнестираше воени злосторници. Ако може воени злосторници да се амнестираат, зошто да не им се помогне на луѓе кои ги завела толпата?

Ова го истакна Претседателот Ѓорге Иванов во денешното гостување во Телевизијата Канал 5.

-Ако постои добра волја од Парламентот, а посебно од парламентарното мнозинство, имајќи го искуството од 2001. година и ако сакаат да имаме помирување во државата, нека го покажат тоа на дело, посочи Претседателот.

Тој објаснува дека постапката за помилување од Претседателот е долга и таа се однесува откако ќе се изречат правосилни пресуди.

-Постапката оди од затворите до Министерството за правда, до Комисијата за помилување, па од Комисијата за помилување до мене. Таа постапка е долга, вели Иванов.

Могерини и Хан го поздравија доделувањето мандат на Заев, очекуваат брзо формирање влада

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан во заедничка изјава ја поздравија одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да му додели мандат на лидерот на СДСМ Зоран Заев за формирање влада. Според оваа висока европска двојка, официјален Брисел очекува брзо формирање на влада која ќе биде посветена на реформите, јави дописникот на МИА.

– Ја поздравуваме одлуката на претседателот Иванов да му го даде мандатот за формирање влада на господинот Заев, како важен чекор во процесот на формирање на влада. Се надеваме дека овој конструктивен дух ќе продолжи да преовладува, така што земјата ќе може конечно да излезе од политичката криза. Сега очекуваме брзо формирање на влада која ќе биде посветена на спроведувањето на сите делови од договорот Пржино и Итните реформски приоритети, се вели во соопштението на Хан и Могерини.

Европската шефица на дипломатијата и еврокомесарот за преговори за проширување и  исто така во име на Европската унија повикаа на сплотеност на партиите во враќањето на Македонија на евро-атлантскиот пат и изразија подготвеност да ја поддржат навата Влада на чело со Заев.

– Ги повикуваме сите парламентарни партии да ги остават нивните поделби настрана и да работат заедно на заедничката агенда за реформи, за земјата да се врати назад на патот на евроатланската интеграција. Тоа е она што го луѓето сакаат и го заслужуваат. Ние сме подготвени да ја поддржиме новата Влада во нејзините реформски напори, потенцираат Хан и Могерини.