Љубчо Георгиевски со остра реакција кон Стојан Андов: Името ВМРО го ставивме поради таквите како тебе!

На исказите на Стојан Андов за прашањето: Зошто било потребно во 1990 година да се стави името ВМРО? реагираше екс премиерот, Љубчо Георгиевски. Во острата реакција тој меѓудругото истакува дека името ВМРО било ставено поради таквите како Стојан Андов.

– Господине Андов, еве ќе ви одговорам. Името ВМРО го ставивме поради таквите како тебе. Затоа што ти во таа 1991 година, партијата што ја водеше, ти се викаше Реформски сили на Југославија, затоа што беше еден од поголемите симболи на југословенството. И, треба да знаеш, секогаш кога зборувавме за Киро Глигоров како за голем Југословен и тебе те стававме во тој пакет, рамо до рамо со него. А такви како тебе имаше многу во тоа време и токму на таквите луѓе сакавме да им создадеме една експлозија во главата за да сфатат дека имало идеја за самостојна и независна Македонија!, вели Георгиевски.

СЕ ФАТИ ВО ОРО СО ЃАВОЛОТ: Љубчо Георгиевски го нападна Заев за ослободувањето на убијците на децата од Смилковско Езеро

Лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски побара информации за мотивите за пресвртницата во „Монструм“ за враќање на случајот во судска постапка, додавајќи оти вака се остава впечаток дека СДСМ повторно се има фатено во оро со ѓаволот.

-По неочекуваниот расплет во случајот „Монструм“ јавноста ќе мора во брзо време да добие јасна информација што се мотивите,аргументите за ваква пресвртница. Во спротивно ќе остане впечатокот дека СДСМ повторно се има фатено во оро со ѓаволот, напиша Георгиевски на Фејсбук.


Укинување на првостепената и второстепената пресуда и враќање на предметот „Монструм“ на повторно одлучување побара јавната обвинителка Лилјана Спасовска на јавната седница на која се разгледуваа жалбите за доживотните затворски казни, кои на осудените им ги изрече Основниот суд, а ги потврди и Апелацискиот суд.

За петкратното убиство кај Смилковското езеро, на доживотен затвор се осудени Алил Демири, Африм и Аѓим Исмаиловиќ и Езим и Хаќи Азири и Самил Љута. Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

ВИДЕО: Поранешниот лав Љубчо сега станува канаринецот Бубе, кој треба да го соопшти тоа што му е дадено како задача

Љубчо Георгиевски толку не бил активен како премиер. Велат дека со клучни играчи на една моќна амбасада во Македонија, пред 27 април има 2 средби, најмалку 2 средби во седиштето на Георгиевски, каде тој ги добива задачите како да делува, со кого да делува и што да соопшти пред македонската јавност, вели Васко Ефтов во неговата емисија „Во Центар“.

Со оваа констатација се сложи и неговиот гостин Филип Петровски.

-Точно е тоа. Настапите на Љубчо Георгиевски на 11 декември, потоа молчењето 5 месеци и сега наеднаш појавувањето со вака прилично засилено темпо индицираат дека има добиено инструкции како треба да се однесува и што точно да каже, истакна Петровски.

Поранешниот лав Љубчо, додава Ефтов, сега станува канаринецот Бубе, кој треба да го соопшти тоа што му е дадено како задача по партитура- како на Евровизија да е.

-Воочено е дека само тој може, со некаква колку толку кредибилност, да каже, бидејќи ако другите партнери се појават, знаете дека еден од тројцата ветуваше промена на име за неколку дена со видео материјал кој слободно циркулира на социјалните мрежи, така што тој е многу искомпромитиран, додека за Љубчо се смета дека можеби ќе повлече. Она што тој го направи на 11 декември е тотален дебакл за нивната трипартитна коалиција, меѓутоа голема штета за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во тоа техничко менување на бројките тие 25.000 илјади гласови значат можеби 3 или 4 пратенички мандати за ВМРО-ДПМНЕ, потенцира Петров.

Љубчо Георгиевски: На Панчевски му платив 25 илјади евра за документи, а не добив ништо

Во последните десетина дена добив неколку непринципиелни напади од адвокатот Игнат Панчевски, па за да не остане некаква забуна еве да одговорам, пишува претседателот на ВМРО Народна партија денес на својот профил на „Фејбук“.

– Прво човекот наведе еден куп небулозни настани што воопшто не постојат и немам ништо друго да додадам освен сѐ што има компромитирачко за мене нека го предаде на институциите, а може и јавно да го објави. Но, ќе се задражам на две работи.

– Точно е дека во време на судењето во Хаг, Панчевски со еден негов партнер  дојдоа да ми понудат докази како одредени НАТО земји учествувале во борбата против Македонија. За тоа им исплатив околу дваесет и пет илјади евра и не добив ништо. Некакви писма на лош англиски, божемни шифри и еден куп на фалсификат документи. Впрочем истите тие може и денеска да ги објави, ако не друго од историски аспект да ја расчистиме 2001.

– Паралелно со тоа ми понудија докази за банкарски сметки на Бранко Црвенковски и Хари Костов јас им ги платив, „Фокус“ ги објави. Веродостојноста ја заклучив врз основа на фактот што тие двајцата, Панчевски и неговиот партнер, во истото време ми организираа средба со Верушевски за која ја имам веќе информирно јавноста – напиша Георгиевски на својот профил на „Фејсбук“.

Георгиевски: Албанската платформа е поништување на Охридскиот рамковен договор!

После 15 години ние сега имаме повторно платформа, која ако ја читате, тоа не е ништо друго, туку според мене е поништување на правилата на играта од Охридскиот рамковен договор, вели лидерот на ВМРО-НП и поранешен премиер Љубчо Георгиевски во дебатната емисија „Аргументи“ на ТВ НОВА.

– Јас ја читам 3-4 пати оваа платформа, ако гледаме членови и подчленови, таму има 50-тина точки кои треба ние допрва да ги решаваме како македонска држава.Чекајте сега, ако ние имаме 50 отворени точки со Албанците што треба да ги решаваме, што е сега Охридскиот рамковен договор? Јас ќе ве потсетам, ако до пред две години некој политичар во Макеоднија кажеше јас не го признавам ОРД, на него “ќе му се ставеше крст“ и од меѓународната јавност и од македонската јавност. Ние сега, со платформата имаме уништување на Охридскиот рамковен договр. Според мене, ако треба за нешто да се дискутира, и за кое имаат повеќе легитимитет Албанците,  е да седнат и да речат сакаме да направиме ревизија на тоа што му фали на исполнување на ОРМ. Тоа е легитимно прашање и го разгледуваме ОРМ, ова е проблем, ова не е проблем итн… Меѓутоа вие ако го погледнете, ОРМ е ад акта ставен после овој документ, вели Георгиевски.

Тој потенцира дека очигледно сето тоа што е опфатено во Рамковниот договор сега е малку за Албанците.

– Втора работа, во разговорите со странците и претпоставувам сето тоа негде е запишано, јас отворено ги прашав дали ова е последниот договор, последните барања што Албанците ги имаат, вели Георгиевски и додава дека добил одговор “да тоа е последниот договор, после ова имаме мир и спокој на мултиетнички однос“.

– Значи сега некој вели, ова пу пу не важи. Ние сега треба да ја прашаме меѓународната заедница дали Охридскиот договор е мртов договор, нека ни кажат. Ова не е работа за која се молчи, смета Георгиевски.

Според него, некои членови од платформата се суштински, како двојазичноста. Георгиевски додава дека барањето Албанците да се конститутивен народ значи буквално федерација на државата.

– Таму има едно барање кое многу малку се експлоатираше во македонската јавност, бараат албаснкиот народ да биде конститутивен народ и после ќе објаснуваат дека тоа не е барање за федерација. Тоа е буквално, конститутивен народ е буквално федерација, а ако ги додадете претходните членови од ОРМ, ако ја додадете двојазичноста, тоа е де факто,заклучи Георгиевски.

Георгиевски: Членот 90 од Уставот е оставен свесно од СДСМ заради манипулации

СДСМ ја започнаа играта околу доделувањето на мандатите и немаат кому да му бидат лути, изјави политичарот Љубчо Георгиевски.

-Факт е дека членот 90 е недоречен и поставен со почеток, но без крај. Сепак, СДСМ нема кому да му се лути лути, со оглед на тоа што членот е оставен ваков од СДСМ свесно, за да може Киро Глигоров да манипулра како и во 1990-та година. Оваа недореченост е нивно дело, за жал тие и со праксата и со конкретното дело немаат на кого да се лутат, зашто практично го жнеат она што го сееле- истакна Георгиевски.

Поранешниот премиер гостуваше во „Аргументи“ на ТВ НОВА, на тема „Мандаторна пракса во плурална Македонија“.

Георгиевски: Со концесиите кои ги доби, Роби Телекабел од малски бизнисмен направи фирма во првите 20 по приходи

Претседателот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, преку својата Фејсбук страница му одговори на Роби Телекабел и неговата изјава дека му било побарано мито од 650.000 марки.

– Роби Телекабел никогаш нема донирано ни банка за ВМРО-ДПМНЕ, тука не сум запознаен за неговиот финансиски аранжман со Војо Стоjановски (не Михајловски) за кој ништо не спомна. Роби Телекабел има добиено повеќе концесии во “Остра“ конкуренција блaгодарејки на лобирањата на Војо Стоjановски, Тони Лазаров. Координатор од Штип и серија други вмровци и неговото секојдневно дремење по штабот во Скопје, напиша Георгиевски.

Концесиите што ги добил, нагласува Георгиевски, се златни кокошки за паришто од Роби од малски бизнисмен направи фирма во првите дваесет по приходи во Македонија.

ВИДЕО: Коалицијата на Љубчо, Љубе и Стојанче е директна помош на планот на Заев за редефинирање на Македонија

ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски во текот на кампањата во неколку наврати акцентираа дека гласот за помалите коалиции кои во јавноста се претставуваат како десничарски, е глас за СДСМ и за редефинирање на државата.

-За да го ослабат ВМРО-ДПМНЕ, смислија и други работи, смислија уште две помали коалиции од мали партии, од кои што едната го носи предзнакот ВМРО за да го залажат народот и мал дел да се подели, барем малку да откинат од ткивото на ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа да го зајакнат Заев и СДСМ. Едно е ВМРО, едно е ВМРО- ДПМНЕ и не смее да подлегнеме на вакви манипулации, итроштини и игри на сценаристот кој стои зад Заев, рече Груевски.

Потврда на овие зборови на Груевски, доаѓа и од признанието на Љубчо Георгиевски дека планира да коалицира со СДСМ и Зоран заев. На тој начин Заев добива гласови и поддршка за ветувањата за двојазичност , промена на Уставот и редефинирање на државата.

Ние сме опозициска партија, сакаме опозицијата да направи некој резултат, во таа смисла, многу јасно кажавме дека првата шанса што ќе ја дадеме е можеби на СДСМ, рече Георгиевски.

Познавачите велат дека не е изненадување ваквата реторика на колицијата предводена од Љубчо Георгиевски, Стојанче Ангелов и Љубе Бошковски, бидејќи и самите лидери на оваа коалиција во минатото имаат јасно кажувано изјави во насока на менување на името, минирање на позициите на државата и пазарење со националните и државни интереси на Македонија.

Впрочем и Љубомир Фрчкоски, идеологот на СДСМ во Љубљана изјави дека еден од приоритетите на евентуалната широка Влада би бил решавање на спорот со Грција околу името, а преку тоа и отстранување на последната пречка за влез во НАТО.

Во едно од видеата кои излегоа на Youtube Љубе Бошковски земаше црни пари за финансирање на кампањата, а за возврат ветуваше решавање на името за два дена, се разбира во корист на позициите на Грција.

Посредникот:  Само да знаеш грчката влада е воодушевена од тебе,

Љубе: Да.

Посредникот: Се е до сега како што треба, само молим те Љубе после тоа сакам и ти да придонесеш, стварно да го решиме проблемот со името. Преку глава ни е.

Љубe:  Јас сега им викам, го тепам Никола Груевски, му викам кого праша ти за Република Македонија Скопје…. Охриѓаните ги прашаа битолчаните, знаеш се навраќам на патриотска карта, за да ги добијам неговите гласови, тој игра на лажна карта… Знаеш ќе им кажеш ти на твоите јас сега ќе глумам малце лудило, зошто Љубчо најотворено се лигави. Љубчо она што го прави тоа не е добро ни за Грција. Јас мислам вака-вика мора да се смени името Северна Македонија, оптимално решение и јас не го коментирам Љубчо. Јас ќе играм сега на патриотската, и после АЈЈ ќе го решиме во два дена, со тебе заедно!

Посредникот: Мислам северна е перфектно име, нема тука, тоа е еден географски поим што го дава самото име.

Љубе: Така де, така е

Посредникот: Да бидам искрен ништо не се губи.

Во друго видео истиот Бошковски гарантираше бришење на македонскиот народ од уставот.

Љубе: Мајката останува, е сега мајката да земела презиме придавка северна, јужна, не знам каква никаква, дека тоа врска нема. Тоа да не се секираш, тука тоа ти гарантирам.

Посредникот: И за националност, едноставно граѓани на Републиката.

Љубе: Тоа да не се секираш, тука тоа ти гарантирам.

Посредникот: Едноставно граѓани на Републиката.

Љубе: Така, така. Плус тоа нема поголем патриот од мене, јас сум робувал за Македонија. Јас кога зборам поинаку ме слушаат луѓето него некој лигуш таму кој немал ништо дадено…. Тоа немаш гајле.

Љубчо Георгиевски од друга страна за бугарска телевизија пред неколку години изјави: Значи, јас апсолутно сметам дека Северна Македонија не е ништо страшно, ништо катастрофално, по ниедно прашање за Македонија, меѓутоа за жал очигледно тоа што го сметаме во Македонија сме малцинство.

Георгиевски посочи исто така дека македонската историја е градена на фалсификувани факти и кражби од другите истории на Балканот и дека тоа дека е во генот на македонскиот народ.

Овие изјави на коалицијата предводена од Гоергиевски, Бошковски и Стојанче Ангелов е во директна насока со изјавите на Зоран Заев и сценариото за виткање на кичмата, дека Македонија треба да се редефинира, да се прифаќаат позициите на Грција во спорот за името и на крајот дека Македонија е единствено виновна што нејзините соседи имаат отворени прашања во врска со нејзиниот идентитет.

Идејата за размена на територии повторно на маса: И Ангелов, Георгиевски и Бошкоски се за двојазичност и федерализација

ВМРО-Народна партија со голем интерес ја проследи веста за размена на територии помеѓу државите членки на Европската унија, Белгија и Холандија. Како што пренесоа медиумите во перфектна атмосфера и на свечен начин беше објавена веста за постигнатиот договор што претставува претставува единствен пат за разрешување на меѓународни спорови околу погранични територии на задоволство на двата народи.

ВМРО-Народна партија го поздравува овој договор и ваквиот цивилизациски начин на разрешување на проблемите во церемонијална атмосфера.

„Очекуваме во иднина секогаш да се применуваат исти принципи за брзо решавање на споровите околу територијалните поделби меѓу државите со што ќе се избегнат воени конфликти кои можат да бидат кобни по безбедноста, стабилноста и мирот во регионите и светот.

ВМРО-Народна партија не може а да не ги потсети граѓаните дека во не така дамнешно време во Република Македонија имаше луѓе кои беа со далеку – визионерски сфаќања, пред сите останати тогашни актуелни политичари, околу решавањето на спорни прашања од сличен карактер. Како што гледаме тогаш тие луѓе апсолутно биле во право дека единствено ваквиот начин на разрешување во некое идно време ќе го применуваат и најцивилизирано-развиените демократски држави“, се наведува во соопштението на ВМРО Народна партија.

Георгиевски: Богоевски има мрачна улога во македонската политика, токму тој е пријател и соработник на Кондоминас

Не е точно дека грчкиот бизнисмен Кондоминас сугерирал Груевски да биде министер, премиер или претседател на ВМРО-ДПМНЕ, тврди поранешниот лидер на партијата и премиер Љубчо Георгиевски за РСЕ.

Тој вели дека Кондоминас нема врска со приватизацијата на Окта, туку дошол подоцна со приватизацијата на Телеком.

РСЕ: Господине Георгиевски, поранешниот шеф на УБК, Богоевски за време на  вчерашното гостување во Топ тема на Телма телевизија, меѓудругото изјави дека вие сте го поставиле лидерот на ВМРОДПМНЕ, Никола Груевски за министер за финансии за да го потпише договорот за продажба на ОКТА, а подоцна и по предлог на грчкиот бизнисмен Димитри Кондоминас да стане лидер на партијата. Како реагирате на ваквите тврдења на Богоевски?

-Можам да ви кажам дека прво моето мислење за Слободан Богоевски е дека е еден од најмрачните ликови на севкупната македонска транзиција и мене ми е жал што ,нели, сега во ова време на критика на актуелната власт, која заслужува и треба да се критикува им се дава шанса на секакви луѓе кои просто не заслужуваат ништо друго освен да бидат игнорирани од времето. Значи за политичкиот дел на Слободан Богоевски можам да зборувам многу за да ја потврдам таа негова мрачна улога во севкупната македонска политика. Што се однесува сега малку на делот за Кондоминас. Сакам да ја потсетам македонската јавноста на неколку работи дека ако некој му е познаник, да не речам пријател на Кондоминас тоа е господинот Слободан Богоевски и ,според моја информација, нивното познанство датира од времето кога министер беше Фрчковски и онаа фамозна приказна за доаѓањето на некој грчки генерал кој го криеле овде во Македонија, а за тоа наплатиле пари. Значи од тогаш датира пријателството на Кондоминас со Богоевски, а подоцна исто така со, нели, некои информации кои ги имам нивното пријателство се зголемува до таму што куќата што ја имал Слободан Богоевски на Водно ја продава за над милион евра на Кондоминас, а син му одредено време е директор на фирмата на Кондоминас овде во Македонија и на крајот само ќе ве потсетам дека делото за кое лежеше затвор господинот Слободан Богоевски, затоа што фалсификувал потпис на Кондоминас и на тој начин му има узурпирано имот кој се наоѓа некаде на територијата на Скопје.

Е сега тоа е за релацијата Кондоминас – Богоевски. За релацијата на Кондоминас со нашата Влада најодговорно тврдам за времето кога се приватизираше ОКТА никој од Владата на Република Македонија немаше чуено, ниту пак, Кондаминас се појави во Македонија кога се приватизираше ОКТА, ниту имаше некаква улога во приватизацијата на ОКТА.

Целата приватизација одеше во директни преговори до грчки владини претставници. Јас ќе ве потсетам само колку пати доаѓаа грчки министри за да се заврши целата таа приватизација. Кондоминас се појави во Македонија со приватизација на Телеком, меѓутоа никој од Македонија него не го бараше, туку него во Македонија го донесе Дојче телеком. Јас првпат со Кондоминас се имам запознаено кога во Македонија доаѓа еден од директорите на Дојче телеком и го претставува Кондоминас како партнер. Тоа е најодговорно што ви го тврдам. Не знам какво било пријателството меѓу Кондаминас и Никола Груевски, немам таков впечаток од тоа време и немам некои посебни детали, меѓутоа дека Кондоминас сугерирал Никола Груевски да биде министер, премиер или претседател на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е комплетен нон-сенс, тоа е толкување на еден човек кој се има комплетно искомпромитирано пред правниот систем на Република Македонија и сега сите му се криви. И повторно потенцирам дека Слободан Богоевски треба да ни го раскаже неговиот однос со Кондоминас, колку време се пријатели, каков бизнис однос имале и како дошло на крај тој да му го узурпира имотот на Кондаминас. Никој друг не му е крив, освен тој самиот, истакна тој.